Еден член на конзервативната американска група доби отказ затоа што на студентскиот самит, на којшто се обратил претседателот на САД, Доналд Трамп, емитувал изменета верзија на претседателскиот печат, каде што наместо едноглав се наоѓа двоглав орел, сличен на оној на руското знаме.

Би-би-си истакнува дека двојниот орел се наоѓа на знамињата на Србија, Албанија и Црна Гора, но оценува дека наведената верзија на печатот, најверојатно,се однесува на Русија, имајќи во вид дека мандатот на Трамп го обележија односите со Москва и претседателот Путин.

Ова, сепак, не е единствената разлика од оригиналната американска верзија – наместо орелот да држи 13 стрели, што ги претставуваат 13-те првични држави, во неговите канџи има палки за голф што укажува на љубовта на претседателот кон тој спорт.

Исто така, наместо гранче со маслинки, во десната канџа орелот има куп пари, забележува Би-би-си.

Претставник на групата „Turning Point USA” изјави за „Вашингтон пост” дека ова е грешка што настанала поради избрзаното пребарување преку интернет.

Инцидентот се случил кога американскиот претседател се искачил на сцената на самитот, откако беше емитувано 12-минутно видео за патот на Трамп до Белата куќа.