Разузнавачката мрежа „Петте очи“ (сојуз меѓу Велика Британија, САД, Австралија, Нов Зеланд и Канада) би можела да ја вклучи и Јапонија за да биде проширена во економско партнерство со клучни стратешки резерви како што се ретките минерали и медицинските залихи, според политичарите кои имаат цел да го „одвојат“ Западот од Кина, пренесува „Гардијан“.

Кризата со коронавирусот ја покажа зависноста на Западот од Кина за клучни стратешки ресурси, со што се очекува „Петте очи“ да објават план за зголемување на производството на метали од Австралија, Канада и САД, со цел да се намали зависноста од Кина.

Ретките минерали се клучни компоненти во повеќе производи, вклучувајќи ги мобилните телефони, телевизорите, лаптопите, а имаат широка употреба и во одбранбената индустрија, односно во авионските мотори, сателитите, ласерите и во ракетите. Кина застапува над 90 отсто од светското производство на ретките минерали во изминатата деценија, според истражувањата во САД.

Потенцијалот за проширување на улогата на „Петте очи“ се должи на интересот за создавање на кохезивна економска и политичка алијанса за натпреварување со Кина. Економските експерти наведуваат дека одвојувањето на Западот од Кина треба да се одвива претпазливо.