фото: Фејсбук

Либералниот чешки политичар, Петр Фиала, денеска е именуван за нов премиер на Чешката Република.

Фиала заклетвата ја даде во замокот Лани, во близина на Прага, пред претседателот Милош Земан, кој седеше зад проѕирна преграда откако од неодамна е позитивен на коронавирусот.

ДПА додава дека владата во заминување на милијардерот Андреј Бабиш ќе продолжи привремено да функционира се додека не се назначи целиот нов кабинет, а примопредавањето на власта не се очекува пред средината на декември.

Фиала го предводи сојузот од пет групации, вклучувајќи ја неговата Граѓанско-демократска партија (ОДС), Христијанско-демократската и Пиратската партија кои заедно освоија 108 од 200 места во Домот на пратеници на изборите на почетокот на октомври.

– Се соочуваме со тешки времиња – рече Фиала на потпишувањето на коалицискиот договор, пред речиси три недели.

Земјата е под силен удар на четвртиот бран на пандмеијата со ковид-19, со седумдневна стапка на инциденца од 1.191 случај на 100.000 луѓе.