Пет лица се убиени синоќа во оружен напад во англискиот град Плимут, пред напаѓачот да си го одземе животот. Меѓу убиените се млада мајка и нејзиното петгодишно дете, но и мајката на напаѓачот.

Напаѓачот бил облечен во црна и сива облека и наводно користел оружје со долга цевка. Потоа истрчал по улица и пукал во минувачите. Полицијата потврди дека се убиени три жени и двајца мажи и дека напаѓачот потоа си го одзел животот. Се наведува дека овој напад не е поврзан со тероризам.

– Чекам потврда за бројот на жртвите, но ова изгледа како ужасен ден за нашиот град и нашата заедница. Помислете на семејството и нашата заедница и не споделувајте фотографии и снимки од ниту една жртва – напиша пратеникот Лук Полард на Твитер.

Очевидци на настанот за „Тајмс“ рекле дека тој ја скршил влезната врата од една куќа и пукал во млада мајка и нејзиното дете на возраст од околу пет години.

Ова беше прв „активен напад“ забележан во Велика Британија во последните 11 години, откако таксистот Дерик Бирд уби 12 луѓе во Камбрија летото 2010 година.