Многу познати јавни личности потпишаа петиција во Словенија, со која се бара од државата законски да им дозволи на смртно болни луѓе право на евтаназија.

Познатите личности, кои ја потпишаа петицијата во првите 24 часа од нејзиното создавање се, спортистот Миро Церар постариот (татко на поранешниот словенечки премиер), кошаркарот Иво Данеу, пејачот Зоран Предин, музичарот Мојмир Сепе, поранешен министер за образование Иван Светлик, актерката Милена Зупанчиќ, актерот Борис Каваца и неговиот син Себастијан, исто така актер, потоа филозофот Славој Жижек и многу други лица од светот на уметноста, културата, политиката и академските кругови.

„Петицијата за правно регулирање на помошта за завршување на животот“ денеска ја претстави Здружението за достојна старост „Сребрена нишка“, наведувајќи дека во Словенија правото на достоинствена смрт, без продолжување на страдањето на болните и нивните роднини, треба да се признае како човечко право.

Меѓу иницијаторите на петицијата е научникот Андреј Плетерски, син на починатиот историчар и академик Јанко Плетерски, кој минатата година, со барање да му се овозможи евтаназија, упатил апел до парламентарците, откако во старечкиот дом, каде се обидел да се самоубие со сечење на  вени, му го спасиле животот.

Плетерски почина неколку месеци подоцна на возраст од 95 години, а писмото до Парламентот, кое тој го испрати од болница откако беше спречен да изврши самоубиство, предизвика широка јавна дебата за „правото на достоинствена смрт”.