Виа Сундари Октавија ги гледа нејзините мали деца додека играат и пејат во рамките на програмата за справување со траумата, наменета за најмладите кои се раселени по смртоносното цунами во Индонезија, пренесува „Ченл њуз Азија“.

Октавија е меѓу Индонезијците кои посетија прифатен центар во градот Лабуан, каде што персоналот игра игри со децата, за да им помогне да ги оттргнат мислите од несреќата. Триесетгодишната жена, нејзиниот сопруг и нивните три деца (на возраст од една до пет години), ги преживеаја смртоносните бранови што однесоа повеќе од 400 животи, а многумина оставија без дом.

Во друг прифатен центар, во Калианда, волонтерите раздаваат боенки за децата, заедно со кадифени животни и со други играчки. Надлежните лица внимаваат и на знаци на вознемиреност, бидејќи дел од најмладите одбиваат да јадат или не можат да спијат. Децата претставуваат најранлива категорија од околу 22 илјади лица кои останаа без домовите.

– Многу деца се погодени психолошки. Многумина од нив ги загубија домовите, како и родителите – вели Дина Аманах Тајусани, која работи во група за пружање помош на преживеаните.

Многумина од децата се премали за да ја разберат трагедијата. 

– Мојот син ми кажа, мамо сега сме на одмор. Почнав да плачам бидејќи знам дека страдаме – вели Октавија, која е благодарна за терапијата за децата, бидејќи им овозможува да запознаат другари со што не им е здодевно во прифатните центри.

Бројот на жртви по цунамито што ја погоди Индонезија во саботата, достигна 430, додека 159 лица се водат како исчезнати.