Одложувањето на одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја прими вакцината против коронавирус на никаков начин нема да има лошо влијание врз руската вакцина, изјави денеска за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе ТАСС.

Портпарол на Кремљ истакна дека Русија веќе почнала со вакцинирање на населението, додека производството на вакцини се зголемува.

Песков вчера изјави дека Путин најверојатно во блиска иднина ќе ја објави одлуката за примање вакцина против коронавирусот.

– Треба да очекуваме претседателот да ја објави одлуката во блиска иднина. Путин рече дека ќе ја прими вакцината и дека ја донел таа одлука и дека чека да бидат решени сите формални прашања – рече Песков во интервју за телевизијата „Русија 1“.

Руското Министерство за здравство претходно ја одобри употребата на вакцината против коронавирус „Спутник 5“ за лица постари од 60 години.