Пентагон на границата со Мексико ќе распореди стотици војници, изјави претставник на американското Министерство за одбрана, кој побарал да остане анонимен.

Одлуката доаѓа откако претседателот Доналд Трамп денеска повтори дека војската ќе биде користена за да биде спречен караванот мигранти од Централна Америка да влезе во САД.

Официјални американски претставници за Гласот на Америка соопштија дека бројот на војници ќе зависи од барањето на Одделот за домашна безбедност, а тие ќе бидат поддршка на граничните патроли. Повеќе од две илјади трупи на Националната гарда се веќе распоредени во таа област.

Претседателот Трамп, ситуацијата со караванот мигранти, кој е на 1.600 километри од најблиската граница на САД, ја оцени како „национална вонредна состојба“.

„Ќе ја испратам војската за оваа национална вонредна состојба. Тие ќе бидат запрени!“, напиша денеска Трамп на Твитер.

Трамп ги обвини Хондурас, Ел Салвадор и Гватемала за тоа што не ги спречиле своите граѓани да се упатат кон САД. Тој во понеделникот рече дека ќе ја скрати или намали помошта за овие земји, додека минатата недела се закани дека ќе ја испрати војската да ја затвори границата.