Американската војска ја обвини Русија дека доставува офанзивно оружје и борци во Либија во обид да создаде упориште во оваа северноафриканска земја. Последното обвинување од американската Африканска команда (АФРИКОМ) кон Русија доаѓа во време кога ривалските групи во Либија се соочуваат со можна крвава битка за контрола врз стратегискиот пристаништен град Сирт, јави РСЕ.

Пентагон објави фотографии за кои вели дека покажуваат дека Русија продолжува да ја снабдува со опрема руската приватна воена компанија „Вагнер груп“. Официјален Пентагон наведува дека руски воени товарни авиони продолжуваат да ги снабдуваат борците на Вагнер и нивните соработници со опрема за противвоздушна одбрана, камиони, оклопни возила и воени авиони. Американската армија изминатиов месец исто така ја обвини Москва за распоредување воени авиони во Либија, а пред тоа соопшти дека „Вагнер груп“ поставила нагазни мини и импровизирани експлозивни направи околу главниот град Триполи.

Од друга страна, Русија деновиве веднаш ги демантира обвинувањата од Америка, соопштувајќи дека земјата учествува единствено во надминување на кризата и враќањето на мирот и стабилноста во Либија и регионот.