Американската војска тестираше крстосувачки проектил со среден дострел, само неколку недели откако САД се повлекоа од клучниот договор со Русија, со кој беше забрането таквото нуклеарно оружје. Пентагон соопшти дека успешно ја лансирал ракетата од локација во близината на брегот на Калифорнија. Вашингтон на 2 август се повлече од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел по обвинувањата до Русија дека ја прекршува спогодбата што, пак, беше остро демантирано од Москва.

– Проектилот го напушти мобилниот копнен лансер и прецизно ја погоди својата цел, оддалечена повеќе од 500 километри. Собраните податоци и научените лекции од оваа проба ќе го информираат Министерството за одбрана за развојот на идните капацитети со среден дострел – се наведува во соопштението на Пентагон.

Колапсот на историскиот договор предизвика загриженост дека ќе доведе до нова трка за вооружување помеѓу САД, Русија и Кина. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека е загубена бесценета „кочница“ кон нуклеарната војна.
– Ова ќе ја засили, а нема да ја намали заканата од балистичките ракети. Сите страни мора да постигнат договор за нов заеднички пат кон меѓународната контрола на оружјето – истакна Гутереш.

Од друга страна, минатиот месец и Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, порача дека трансатлантската воена алијанса не сака нова трка за вооружување.

– НАТО нема планови за распоредување свои копнени нуклеарни проектили во Европа – додаде Столтенберг.