Mинистерството за одбрана на САД за првпат официјално и експлицитно потврди дека се занимава со испитување на „неидентификувани воздушни феномени“. Пентагон преку портпаролот Кристофер Шервуд за првпат призна дека американската војска и понатаму ги испитува пријавите за неидентификуваните летечки објекти НЛО.

Со потрагата по можни вонземјански летала се занимавала тајна групација од Министерството за одбрана на САД, наречена „Напредна програма на идентификација на заканите во воздушниот простор“ (AATIP), која била згасната во 2012 година.

-Министерството за одбрана ги испитува и истражува неидентификуваните воздушни феномени. Тоа сме го работеле и ќе го работиме и понатаму. Мораме да ги идентификуваме сите летала кои оперираат во нашиот воздушен простор, но и да идентификуваме какви било активности кои би можеле да претставуваат закана по нашата татковина. Досега нашите извештаи кои ги правевме за неидентификувани летала беа со цел да спречиме какво било стратешко изненадување од страна на нашите непријатели- изјавил портпаролот на Пентагон, Кристофер Шервуд.

Официјалните лица во Пентагон секогаш биле внимателни во објаснувањата, велејќи дека испитуваат следна генерација на авиони, проектили и дронови. Ова признание јасно укажува на тоа дека испитувале нешто коешто јавноста го нарекува НЛО. Се разбира поради ваквиот термин ја искористиле конструкцијата на „неидентификуван воздушен феномен“, објаснил Шервуд.

Џон Фринвалд, сопственик на сајтот The Black Valut, кој исклучиво третира теми на заговор, вели дека ова е големо изненадување, затоа што Пентагон со децении се обидува да сокрие дека се занимава со испитување на НЛО и забележување на вонземски летала. AATIP до 2012 година кога згаснала, имала буџет од 22 милиони долари.

Кога станува збор за теориите на заговор за вонземјаните, најголемата мистерија е прочуената Област 51, базата на американската војска, чие постоење никогаш официјално не било признато. Многумина веруваат дека на некогашното артирелиско стрелиште се испитуваат остатоците од НЛО собрани од Розвел, како и дека се спроведува соработката и договорите кои САД ги прават со вонземјани. Има дури и тврдења, кои ги изнел научникот Бојд Бушман, велејќи дека во Областа 51 работат 18 вонземјани. Но, новинарката Ени Џејкобсен тврди дека тоа е место каде што се испитуваат остатоци од руските летала како „мигови“, но и се развиваат необични авиони.