Пентагон го одобри барањето за задржување на околу 2.300 војници на Националната гарда во Вашингтон, што е околу половина од моментално распоредените сили, за да помогне во заштитата на американскиот Капитол во следните два месеци, пренесува „Ројтерс“.

Агенцијата наведува дека Пентагон најавил дека во текот на следните два месеци ќе соработува со полицијата во Капитол, која го доставила барањето со цел да се продолжи понатамошното намалување на присуството на војници до степен до кој тоа го дозволуваат условите.

Во извештајот на Пентагон објавен во понеделникот се препорачува употреба на подвижна ограда за заштита на Капитол и се препорачува формирање на сили за брза реакција во Вашингтон, додека полицијата во Капитол е оценета како слабо подготвена за можен напад врз таа институција.

Некои службеници на Министерството за одбрана на САД, под услов да бидат анонимни, за „Ројтерс“ изјавија дека не знаат за такви разузнавачки информации за кои е потребно дополнително големо воено присуство околу Капитол.

Агенцијата наведува дека од јануарскиот напад на приврзаниците на тогашниот претседател Доналд Трамп на седиштето на американскиот Конгрес, трупите на Националната гарда се испратени на терен и дека се поставени високи огради со цел проширување на обем на безбедност.

Федералното обвинителство на САД обвини повеќе од 300 лица за вмешаност во нападот на 6 јануари, што доведе до пет смртни случаи, вклучително и смрт на еден полицаец, пренесува „Ројтерс“.