Американскиот потпретседател Мајк Пенс ќе присуствува на свеченоста за инаугурација на Џо Бајден, објавија неколку американски медиуми. Така Пенс стана последниот долгогодишен лојалист кој го напушта сè поизолираниот Доналд Трамп.

Односите меѓу Трамп и Пенс се затегнати од средата, кога Пенс официјално ја објави победата на Бајден во Конгресот. Толпа екстремни десничари упаднаа во Капитол истиот ден, сакајќи да го спречат Конгресот да ја потврди ваквата одлука. Во немирите за кои многумина сметаат дека биле поттикнати од говорот на Трамп, загинаа пет лица, а Пенс мораше да побегне односно да биде евакуиран поради налетот на толпата која во неколку наврати извикуваше „бесилка за Пенс“.

Новиот претседател на САД претходно неделава рече дека Пенс ќе биде добредојден на официјалното положување на заклетва, закажано за 20 јануари, но во намален обем поради коронавирусот.

„Би ни било чест да го имаме таму и да одиме напред во транзицијата на власта“, изјави Бајден пред новинарите.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, предупреди дека демократите ќе започнат постапка доколку Трамп не поднесе оставка или Пенс не се повика на 25. амандман, со кој се отповикува актуелниот претседател.

Иако Пенс, кој претседава со Сенатот, не зборуваше јавно за тоа, „Њујорк Тајмс“ објави дека тој наводно е против примената на тој механизам, кој никогаш претходно не бил искористен во историјата на САД.