Американскиот потпретседател Мајк Пенс побара денеска од ОН да ги укине надлежностите на пратеникот на Владата на претседателот Николас Мадуро и да го признае Хуан Гуаидо за легитимен лидер на Венецуела.

Пенс истакна дека САД подготвиле резолуција и ги повика сите држави да ја поддржат.

– Дојде моментот ОН да го признаат привремениот претседател Хуан Гуаидо за законски претседател на Венецуела и да овозможат место за негов претставник во светската организација, нагласи Пенс во Советот за безбедност на ОН.

Дипломати оценија дека е малку веројатно Вашингтон да ја добие потребната поддршка. Пенс не потврди дали резолуцијата ќе биде поднесена во 15-члениот Совет за безбедност или во Генералното собрание на ОН, каде Русија и Кина, кои го поддржуваат Мадуро, имаат право на вето.

Пенс му се обратил на пратеникот на Венецуела, Самуил Монкада, кој учествувал на седницата, дека тој не треба да биде присутен во салата, туку да се врати во својата земја и да му каже на Мадуро дека е време да се повлече од власт.

Американскиот потпретседател изјави дека САД ќе продолжат да вршат дипломатски и економски притисок со цел да се воспостави мирна транзиција кон демократија во Венецуела, додавајќи дека „сите варијанти се можни“.

Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензаја истакна дека денешната седница е уште една епизода од директниот напад врз Каракас.