Лидерката на демократскотo мнозинство во Преставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси изјави дека одлуката на демократите за покренување постапка за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп ќе зависи од резултатите од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводното руско мешање во изборите во 2016 година.

Гостувајќи во емисијата „Тудеј“ на Ен-Би-Си, Пелоси истакна дека треба да се почека за да се види „што ќе произлезе“ од истрагата на Малер за поврзаноста на луѓе од Изборниот штаб на Трамп со Русија, па дури потоа да се донесе одлука за евентуален импичмент.

Според Пелоси, постапката за импичмент на Трамп не би требало да биде иницирана од политички причини, но тие во исто време не треба да бидат оправдување за откажување од идејата за отповикување на претседателот.

Изјавата на Пелоси доаѓа во пресрет на денешните конститутивни седници на двата дома на Конгресот, на кои сенаторите и конгресмените избрани во ноември ќе положат свечени заклетви за почеток на нивниот мандат.

Во новиот состав на Конгресот, демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом, а републиканците на Трамп во Сенатот.