Изолационизмот, протекционизам и национализмот не се решенија за напредок на ЕУ, изјави денеска во Стразбур словачкиот премиер Петер Пелегрини.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, зборувајќи пред Европскиот парламент за иднината на ЕУ, Пелегрини нагласи дека Унијата повеќе не може да остане на сегашниот статус кво и затоа е потребна голема дебата за стратегијата и очекувањата до 2050 година.

– Идната ЕУ треба да биде обединета, просперитетна и безбедна, релевантна на глобално ниво, искрена со своите граѓани и да се грижи за иднината – истакна Пелегрини, изнесувајќи ја својата визија за атрактивна Унија, во која граѓаните може да имаат доверба.

Според него, одговор на проблемите не треба да бидат изолационизмот, протекционизмот, национализмот и поделба на мали национални држави со ограничени ресурси, туку поголемо единство во ЕУ како глобален играч.

– За ова, ние мора да го следиме истиот пат врз основа на единството на вредноситите и разновидноста на нашите национални, регионални и локални култури – додаде Пелегрини.

Најголемите предизвици со кои се соочува ЕУ, според словачкиот премиер, се климатските промени, новиот бран на технолошка револуција, социо-економските разлики, но и растечките стремежи на Русија и Кина, за кои е потребен цврст и единствен одговор од ЕУ.

Тој ја поддржа идејата за европска минимална плата и основање на Европска орган на трудот, на кој Словачка е биде подготвена да биде домаќин, додавајќи дека ЕУ мора да остане во првите редови на технолошкиот напредок и иновативноста.

Пелегрини ја бранеше политиката на кохезија, која им помага на богатите и сиромашните региони да се спојуваат и инсистираше на тоа да ЕУ ги поставува своите политички цели пред да започне да разговара за својот долгорочен буџет.

– Како што се доближуваме до европските избори, ние мора да ги мобилизираме нашите сили и да се бориме против дезинформациите, хибридните закани и кибер криминалот – истакна словачкиот премиер.

По обраќањето на Пелегрини, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и се заблагодари на словачката Влада „за поддршка на столбот на европската основа на социјалните права и оцени дека Европа треба да дише со двата свои бели дробови – западниот и источниот.