Една од најголемите разузнавачки агенции во светот, израелската Мосад, пред нешто повеќе од четири месеци се најде под управувачка палка на нов директор. Медиумите пишуваат дека безбедносните предизвици со кои ќе се соочи новиот шеф на тајните служби се многубројни, а последниот случај со апсења на израелски шпиони во Турција може сериозно да влијае врз неговата функција, но и врз политичко-безбедносните релации во регионот

Уапсени петнаесет израелски шпиони во Турција

Најмоќната разузнавачка организација на Блискиот Исток, израелската Мосад, пред нешто повеќе од четири месеци на кормилото постави нов човек, кој треба да биде „лидер“ на интересите на Тел Авив во регионот и во светот. Давид Барнеа-Дади, поранешен војник на елитната специјална единица во Израел, човекот што седна на раководната позиција на една од најмистериозните тајни служби во светот, од самиот старт се соочи со тешки предизвици.
Еден таков случај што може да му ја загорчи новата позиција, а можеби и ќе предизвика сериозни тешкотии по државата и регионот, е и неодамнешниот, кога Турција неодамна објави дека има уапсено 15 лица што се сомничат дека работеле за израелската тајна служба.
Имено, весникот „Сабах“ обави информација во која се посочува дека на 7 октомври биле уапсени петнаесетина лица од страна на турските власти, кои подолг период биле следени од разузнавачите во земјата и за кои се претпоставува дека издавале чувствителни информации на Мосад за турски државјани што биле блиски до палестинските движења.
Како што наведува весникот, уапсената шпионска мрежа била поделена во пет групи од по три члена, а дејствувала во четири турски провинции. Од она што е публикувано, сите приведени биле Арапи, а апсењето го спровела турската Национална разузнавачка организација (МИТ) по една година контраразузнавачка работа.

Шефот на израелските тајни служби исправен пред сериозни предизвици

Иако овој настан веднаш беше пренесен од израелските медиуми, во кои се отфрли евентуалната поврзаност на уапсените со израелските тајни служби, светските медиуми пренесуваат дека последниот случај може да предизвика сериозни политичко-безбедносни импликации како во регионот така и пошироко, но и да биде уште еден од првите посериозни испити на новиот прв човек на службата.
Порталот „Милитари.ком“ пишува дека пред новиот шеф на израелското разузнавање се наоѓаат голем број безбедносни предизвици, а еден од нив е и старо-новиот проблем со Хамас, исламска палестинска милитантна група што го контролира Појасот Газа. Како што наведува порталот, за време на последната воена акција, која започна по ракетниот напад на Хамас врз Израел, израелските сили уништија километри тунели и подземна инфраструктура на Хамас, како и голем број воени магацини и седишта. Во соработка со други безбедносни агенции, Мосад во иднина ќе мора да го оневозможи дополнувањето на воениот арсенал на палестинската милитантна група, кој преку египетскиот Синајски Полуостров редовно стигнува до Појасот Газа.

Хезболах втора најголема закана за првиот човек на Мосад?

Во исто време, според пишувањата на медиумите на северот од државата, новиот шеф на Мосад ќе мора да обрне внимание и на сѐ поголемата закана за Тел Авив што доаѓа од Хезболах, шиитската милитантна организација поддржана од Техеран.
Свесен за новите предизвици, новиот шеф на израелското разузнавање Давид Барнеа-Дади е подготвен да одговори на задачите, но и на идните предизвици, оценува британски „Тајмс“. Според магазинот, за способностите на Дади беше добро информиран, но и запознаен и поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој, всушност, го постави на оваа важна функција пред истекот на мандатот. „Тајмс“ пишува дека, покрај справувањето со Хезболах и Хамас, главната задача на новиот шеф на израелското разузнавање Барнеа ќе биде да го спречи Иран да добие нуклеарно оружје.


Кој е Дади, новиот шеф на Мосад?

По заминувањето на Јоси Коен, поранешниот шеф на Мосад, грижата околу израелската тајна безбедност се префрли на друга личност, односно 56-годишниот Давид Барнеа, познат под прекарот Дади. Во скромните информации објавени за него на интернет стои дека тој е татко на четири деца и поранешен војник. Првиот човек на тајните служби на Израел стапи на должноста на 1 јуни годинава. За неговите претходници не се знаеше многу, па така е и сега, кога се работи за актуелниот директор на една од најпознатите светски тајни организации, наведува „Волстрит журнал“. Според „оскудните“ информации во медиумите, Барнеа служел војска во елитната единица на израелските одбранбени сили „Сајерет Маткал“, специјализирана за посебни извидувачки мисии. По отслужувањето на воениот рок, Дади студирал и работел како менаџер во една израелска инвестициска банка. Во Мосад се пријави дури во 1996 година, каде што во почетокот беше одговорен за собирање разузнавачки информации. По неговата неколкугодишна впечатлива и професионална работа, службите го унапредиле во шеф на Одделението за регрутација и операции на Мосад, каде што Барнеа низ годините добил дури четири државни признанија за посветеност во работата.