Глобалното затоплување над 1,5 степени ќе биде катастрофално за пацифичките островски земји и може да доведе до губење на цели држави поради зголемувањето на нивото на морето во текот на овој век, предупредија експертите.

Лидерите на земјите од Пацификот, вклучително и австралискиот премиер Скот Морисон и премиерот на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, во петокот присуствуваа на видеосостанокот на лидерите на форумот на пацифичките острови, каде заедно со експерти во оваа област разговараа за последиците од климатските промени со кои се соочуваат, пренесе „Гардијан“.

Според новиот извештај на „Гринпис“, регионот има една од најниските емисии на јаглерод во светот, 0,23 проценти од сите глобални емисии, но страда од влијанијата од зголемувањето на глобалните температури.

Последиците од климатските промени се веќе присутни овде, што може да се види во плимата, катастрофалните циклони, зголемената соленост во водата, што спречува одгледување земјоделски култури, постојани суши и закана поради зголемувањето на нивото на морето. Овие кризи се очекува да бидат почести и посериозни додека планетата се загрева.

Предупредувањата доаѓаат откако Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (ИПЦ) вчера објави важен извештај за глобалното затоплување, покажувајќи дека емисиите на гасови треба да се преполоват за да се ограничи затоплувањето до 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриско ниво, што е цел постигната според Парискиот договор за климата само по постојаното лобирање од страна на водачите на пацифичките острови.

Во извештајот, во чија подготовка учествуваа повеќе од 200 автори, беа разгледани пет сценарија, а заклучокот е дека за 10 години температурата поставена од светските лидери како цел ќе биде надмината.