Италијанското обвинителство отвори истрага за наводна соработка меѓу Русија и владеачката десничарска партија Северна лига, по објавите во медиумите дека претставници на двете страни одржале таен состанок, пренесува Би-би-си.

Според објавените информации, на состанокот учествувале руски официјални лица и Џанлука Савоини, блисок соработник на замени-премиерот на Италија, Матео Салвини. Се верува дека темата на состанокот бил нафтен договор преку кој би се префрлиле средства на сметката на партијата Северна лига.

Радикалниот десничар Салвини ги одби сите обвиненија, велејќи дека неговата партија „никогаш не земала ниту една рубља, долар, евро, ниту пак литар од финансиската водка од Русија“.

Савоини за италијанските медиуми потврди дека се сретнал со група на неименувани бизнисмени, но исто така негира дека направил нешто нелегално.

Според италијанските закони, на политичките партии им е забрането за примаат донации од странски организации.

Заменик-премиерот на Италија Салвини има блиски односи со Русија и во последните годнини неколку пати ја посетуваше земјата, јавно му се восхитуваше на претседателот Владимир Путин и ги осудуваше санкциите на ЕУ за неговата земја.