Ирачаните денеска гласаат на првите парламентарни избори по победата над Исламска држава(ИД).

Над 24,5 милиони гласачи се очекуваат на речиси 9.000 избирачки места кои ќе бидат отворени до 19 часот по локално време.

Се избира нов парламент чија основна задача ќе биде надзор над обновата на земјата, по тригодишната борба со џихадистите.

Повеќе од 7.000 кандидати во 18 покраини се натпреваруваат за 329 места во парламентот.

Изборите се одвиваат под строги безбедносни мерки. Речиси 900 илјади полицајци и војници се во состојба на готовност. Границите и воздушниот простор ќе бидат затворени во текот на денот.

Откако ги поврати сите територии кои ги зазеде Исламска држава во 2014 и 2015 година, Багдад во декември минатата година објави дека со помош на коалицијата предводена од САД ја победил оваа екстремистичка група.