Претседателот на Парагвај, Марио Абдо Бенитез денеска објави дека неговата земја ги прекинува односите со Венецуела.

– Врз основа на своите уставни надлежности и националниот суверенитет, Владата на Република Парагвај одлучи да ги прекине дипломатските односи со Боливарската Република Венецуела, даде наредба да се затвори нашата Амбасада и да се спроведе итно отповикување на дипломатскиот персонал акредитиран во таа земја – се вели во изјавата на претседателот на Парагвај.

Изјавата на Бенитез доаѓа веднаш откако претседателот на Венецуела, Николас Мадуро положи заклетва за почеток на неговиот втор претседателски мандат што трае до 2025 година.

Церемонијата на инаугурацијата се одвиваше во објектот на Врховниот суд, а не во Парламентот како што е вообичаено, затоа што мнозинство од пратениците се против реизборот на Мадуро.

Американскиот државен секретар Мајкл Помпео претходно изјави дека Вашингтон ја смета инаугурацијата на Мадуро за „узурпација на власта“.

– САД продложуваат со нови санкции против членови на Владата на Венецуела и против нивни роднини за кои сметаме дека се вмешани во кршење на човековите права, корупција и поткопување на демократските процеси – изјави Помпео.