Папата Франциск денеска пристигна во Унгарија, започнувајќи го краткиот престој во оваа земја каде што ќе разговара со премиерот Виктор Орбан.

Поглаварот на Римокатоличката црква ќе помине само седум часа во главниот град Будимпешта за да го затвори големиот меѓународен верски конгрес пред да замине во Словачка, каде што ќе остане подолго, посетувајќи четири градови за тоа време, пренесува „Ројтерс“.

– Ги продолжуваме патувањата и тоа е многу важно затоа што можеме да ги пренесеме нашите зборови и поздрави до луѓето“, им рече папата на новинарите на летот кон Будимпешта.

На прашањето за неговата неодамнешна операција, папата рече дека се чувствува добро. Според државната унгарска телевизија, папата Франциск на аеродромот бил пречекан од вицепремиерот на Унгарија, Золт Шемјен, кардиналот Петер Ердо и унгарските бискупи.

Насмеаниот папа кратко им мавташе на децата што стоеја во ред за да го поздрават пред да се качи во автомобилот што го возеше до центарот на Будимпешта.

Во распоредот на Ватикан стои дека папата ќе се сретне со премиерот Виктор Орбан и претседателот Јанош Адер, како и бискупите и претставниците на некои еврејски заедници, пред да одржи миса за да го заклучи големиот меѓународен верски конгрес што започна минатата недела.