Папата Франциск предупреди дека светот е на патот на самоуништување доколку политичките лидери не успеат храбро да ја искористат пандемијата на ковид-19 како шанса да ја направат планетата поправедна и позелена.

Во видеопорака објавена на Светскиот ден на планетата Земја, папата Франциск рече дека политичките лидери имаат можност подобро да излезат од оваа ситуација по научените лекции за социјалните неправди откриени за време на пандемијата, пренесува АП.

– И глобалните катастрофи, ковидот и климата, покажуваат дека немаме време за губење. Времето нè притиска и, како што покажа ковид-19, имаме средства да одговориме на предизвикот. Имаме средства. Време е за дејствување, ние сме на граница – рече папата.

Тој додаде дека неволите со кои се соочи човештвото во пандемијата треба да ги охрабрат водачите да се стремат кон иновации и пронајдоци со цел подобро да ја заштитат планетата.

Тој апелираше до сите водачи на светот: да постапуваат смело, да дејствуваат чесно и секогаш да им ја кажуваат вистината на луѓето, за луѓето да знаат како да се заштитат од уништување на планетата и како да ја заштитат планетата од уништување што е иницирано многу пати.