Пост-оперативното закрепнување на папата Франциско се одвива нормално, тој оди и работи, но сè уште е рано во недела тој да даде благослов од плоштадот Свети Петар во Рим, поради што ќе го одржи од болницата Гемели, објави Ватикан.
Оттаму додаваат дека хоспитализацијата на Папата може да трае подолго од предвидените седум дена. Се шпекулираше дека 84-годишниот Папа може да биде отпуштен од болница утре вечер или недела наутро за да се врати во Ватикан за благословот во недела. Тоа ќе биде првпат откако е избран папата Франциско да не ја води молитвата од Ватикан, со исклучок, на неделите што ги поминал на патување.

Портпаролот Матео Бруни рече дека Папата, на кого во неделата му беше отстранет дел од дебелото црево, поминал тивок ден, со нормално клиничко опоравување и продолжил да јаде редовно.

– Светиот Отец се прошета по ходникот и веќе нема температура – додаде портпаролот.