Милиони документи доставени до новинари откриваат како светските лидери, милијардери и познати личности ги користат даночните оази, пишува „Дојче веле“.

Новинарската истрага наречена „Пандора документи“ открила дека десетици сегашни и поранешни државници и моќни милијардери се поврзани со компании кои користат даночни раеви. Меѓу познатите чии финансиски конструкции наводно се разоткриени се спомнуваат поранешниот британски премиер Тони Блер, кралот на Јордан и кенискиот претседател Ухуру Кенијата.

Банкарските сметки на офшор локации често се користат за тајно преместување огромни суми пари и прикривање на вистинските средства.

Истражувањето на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) и 150 медиуми низ целиот свет – вклучително и редакцијата на ДВ – покажа дека 330 јавни службеници ширум светот се поврзани со офшор сметки.

Меѓу нив се министрите за финансии на Пакистан, Холандија и Бразил, како и поранешните министри за финансии на Малта и Франција – вклучувајќи го и поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Строс – Кан.

Истражувањето на ИЦИЈ покажува дека моќните политичари, кои би можеле на крајот да сокријат пари и да избегнат данок со користење на даночни раеви – всушност и самите профитираат од таков систем.