Коронавирусот предизвика значаен пад на вредноста на американскиот пасош. Ова го покажува индексот на најпосакувани пасоши од истражувањето на „Хенли и партнерс“, со кое се оценува слободата на движење на носителите на патни исправи во светот.

Иако пасошот на САД е рангиран на седмата позиција, по Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја или Германија, Американците сега имаат иста слобода на движење како Мексико и Уругвај (рангирани на 25-то и 28-то место, соодветно), како резултат на забраната за патувања за државјани на САД во ЕУ поради ситуацијата со коронавирусот во САД.

Во истражувањето дополнително се наведува дека индексот не ги зема предвид мерките на ограничување воведени од владите поради пандемијата, но во исто време сепак се актуализира новонастанатата ситуација во светот, кога слободата на движење на граѓаните на некои земји, како САД, Бразил и Русија, им е редуцирана поради тоа што не се стивнува пандемијата во тие земји.