Заострените хигиенски мерки и сѐ поголемото нарачување храна резултираа со поголема потрошувачка на пластиката глобално. Еколозите предупредуваат дека пластичните ќеси повторно засилено се во употреба дури и во земјите каде што беа забранети, а тоа, според нив, го зголемува пластичниот отпад, кој покрај тоа што ја загадува животната средина, направи камбек поради корона-кризата

Секогаш кога се прави брз ковид-тест, се фрлаат околу 10 грама пластика. Ако секој возрасен човек и ученик во средно училиште во Велика Британија прави по препорака два теста неделно, тогаш за само седум дена ќе се произведат над 1.000 парчиња отпад, кој за помалку од еден месец ќе може да наполни еден олимписки базен. Без оглед колку рециклирањето пластиката во земјите низ светот е успешен процес, за зачувување на животната средина на глобално ниво, со ваквото темпо на фрлање пластичен отпад, тешко ќе може да се стигне до позелена планета и стопирање на климатските промени. Со овие зборови британскиот магазин „Гардијан“ ја опишува моменталната состојба со отпадот со пластиката што ја наметна пандемијата како резултат на зголемените отпадоци во светот од медицинскиот материјал за една употреба, како маските, ракавиците и сл.

Разновидноста на пластиката

Имено, како што пишува магазинот пластиката повторно покажа дека е неверојатен и мултифункционален производ што спасува животи. Сепак, без неа пандемијата ќе имаше поинаков тек. Но ова многу брзо се заборава кога насекаде по улиците честа појава се отпад од маски за еднократна употреба, хируршки ракавици, празни шишиња од средства за дезинфекција и антисептички влажни марамчиња, како што беа догорчињата од цигарите пред неколку години.
Несомнено има изобилство од вакво однесување во разни фази од пандемијата, од постојано несоодветно менување на маските за лице за еднократна употреба до пластифицирани менија за една употреба во рестораните и пластичните прегради меѓу масите во пабовите. Како што светот се приближува кон конечното укинување на мерките, сепак најверојатно некои од нив ќе останат, како и дел од навиките, како што е личната заштита, но и зависноста од готовата храна и купувањето на интернет, што, всушност, генерира пластика. Но прашањето што се наметнува сега во светската јавност е како може да се постигне на еден поурамнотежен начин безбедноста од ковид-19 да не прави толкав отпад во земјите од светот.

Постојат ли алтернативи на пластиката?

Во меѓувреме постојат извештаи во кои се наведува дека продажбата на готова храна се зголемила дури за 600 отсто за време на карантините, што резултира со огромни количества ѓубре. Еден позитивен пример е практиката што се развила во британскиот град Шрусбери, каде што сите кафулиња користеле ист вид чаши за носење за повеќекратна употреба. Клиентите плаќале депозит за чашата, која по употребата ја враќале во кое било од кафулињата. Ваквата идеја во Шрусбери е дел од поголемата кампања за зголемување на свеста за животната средина за да се најдат нови начини за испорака на храна без употреба на пластика, а истовремено да биде погодно и во цврста амбалажа. Малку е познато дека „Амазон“ сака да ја намали пластичната амбалажа во своите испораки, но потрошувачите мора првенствено да ја изберат таа опција во своите кориснички сметки. Исто така надеж влева тоа што на пазарот сè почесто се користат биоразградливи ќеси.
Подобрувањето на рециклирањето пластика е друга област во која се потребни инвестиции за да биде ефикасна и одржлива. Денес се рециклира помалку од 10 отсто од пластиката, а тоа особено се сведува на пластиката со лош квалитет. Затоа треба да се размисли за воведување алтернативи секаде каде што е можно. Сега се прават напори да се воведат давачки за загадувачите, така што во иднина мегакомпаниите ќе треба да преземат одговорност за пластичниот отпад што го произведуваат. Исто така станува јасно дека традиционалниот модел на производство и употреба на пластика мора да се замени со поинаков систем, во кој на поинаков начин ќе се креираат производите и потрошувачките процеси.
Истовремено, „Еуроактив“ на оваа тема пишува дека е важно да се напомене дека пандемијата ги истакна позитивните и негативните страни на употребата на пластиката и беше јасно покажано дека сè се сведува на нејзина разумна употреба. Непотребната употреба на нерециклирана пластика обично завршува во океаните. Ова беше дел од пораката што многумина ја испраќаа пред почетокот на пандемијата. Сега кога од исклучителна важност е „градењето подобра иднина“, по излезот од карантините, треба да се зграпчи шансата и да се промени ставот околу пластиката. Треба да се цени тоа што е одличен ресурс, но треба да се знае дека, како и сите ресурси, потребно е разумно да се употребува и да не се троши залудно.