Ковид-19 ја чини светската економија околу четири илјади милијарди долари во 2020 и 2021 година поради колапсот на меѓународниот туризам. Ова се посочува во последниот извештај на Обединетите нации. Проценетите загуби се резултат на директниот удар на пандемијата врз туризмот, што се одразува и во други сектори од економијата. Лани беа загубени 2,4 илјади милијарди долари од меѓународните патувања, а слични бројки се прогнозираат и за годинава, бидејќи враќањето во нормала во голема мера зависи од вакцинацијата против ковид-19.
Иако состојбата е подобрена во многу развиени земји, сепак мрачна е сликата во земјите во развој поради нееднаквоста со вакцините. Додека индустријата се очекува побрзо да закрепне во земјите со висока стапка на вакцинација, сепак експертите не предвидуваат враќање на претпандемиските нивоа до 2023 година или подоцна. Во најлошото сценарио би се забележал пад од 75 отсто во патувањата и нова загуба од 2,4 илјади милијарди долари, што ќе биде погубно за многу држави, особено за Турција каде што туризмот изнесува пет отсто од БДП. Според него, Турција би загубила 33 милијарди долари во туристичката побарувачка, како и загуби во секторите за храна, пијалаци, малопродажба, комуникации и транспорт, што води до 93 милијарди долари пад во производството, односно трипати повеќе од првичниот шок. Тоа ќе предизвика девет отсто загуба во реалниот БДП, иако во реалноста треба да бидат неутрализирани со мерките за фискален стимул. Еквадор и Јужна Африка се меѓу државите што би биле најтешко погодени, според извештајот, со тоа што реалниот БДП би се намалил за девет и осум отсто соодветно во најлошото сценарио.