Стапката на наталитет во САД достигна рекордно ниско ниво во 2020 година, по шестгодишен пад, откако последен пат беше забележано зголемување во 2014 година. Провизорните извештаи на Националната агенција за здравствена статистика при Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ) покажуваат дека наталитетот опаднал за четири отсто, што е двојно повеќе од просечното годишно намалување од два отсто. Падот на наталитетот се случил кај жените во сите старосни групи. Извештајот се базира на податоци добиени од над 99 отсто од изводите на родени издадени во САД во 2020 година.
Наталитетот кај младите жени со години е во опаѓање поради одложувањето на мајчинството поради кариерата, па, така, жените генерално раѓаат во нивните доцни 30-ти и 40-ти години, што не беше случај за 2020 година. Ваквиот рекорден пад се смета дека се должи делумно на пандемијата на коронавирусот и нејзиното влијание врз економијата, поради што многу двојки ги променија своите планови за формирање семејство. Пред само една деценија, стапката на плодност во САД изнесуваше 2,1 деца на една жена, додека лани таа опадна на 1,5, што е под границата на природен прираст.