Експертите за храна апелираат дека поради заканата на пандемијата за уште поголем економски хаос, владите мора да работат заедно за да се справат со ризикот од нарушување на синџирите за снабдување со храна. Според нив, неопходен е степен на политичка координација во светот за да се спречи протекционизмот на храната да стане нов стандард по пандемијата

Нови предупредувања на светските хуманитарни организации

Сѐ повеќе меѓународни познавачи на состојбите отворено апелираат со месеци дека поради пандемијата предизвикана од коронавирусот е можно да дојде до загрозување на глобалната безбедност кога станува збор за храната. По неодамнешните извештаи на Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, во кои се наведува дека опасноста е полоша отколку што првично се чинело бидејќи најранливи се оние земји што со години се наоѓаат на работ на гладот, експертите деновиве тврдат дека владите мора да работат заедно за да се справат со ризикот од нарушување на синџирите за снабдување со храна. Како потврда на нивните ставови тие ги согледуваат стојалиштата на хуманитарните невладини организации, кои периодов велат дека глобалната криза со храна, предизвикана од пандемијата, би можела да биде полоша отколку што се стравуваше првично. Како што наведува РСЕ, хуманитарците оценуваат дека најсиромашните земји во светот ќе се соочат со „пандемија на глад“ во наредните месеци што следуваат.

Токму тоа неодамна беше соопштено и во извештајот на ООН, каде што пишуваше дека пандемијата годинава може да турне дури 130 милиони луѓе во хроничен глад. Во извештајот што е изработен од пет агенции при ОН се проценува дека околу 690 милиони луѓе или скоро 9 проценти од светската популација во минатата година гладувале. Ваквата бројка годинава драстично ќе се зголеми, а таквиот тренд во некои региони низ светот можеби ќе предизвика дури и безбедносни проблеми.
Професорката на универзитетот „Харвард“, Кармен Рајнхарт, експертка во оваа област, вели дека прехранбена криза што претстои поради ковид-19 многу тешко може да се спречи доколку не се дејствува глобално и со здружени сили.
– Индексот на ранливост на храната, според институтот „Номура“, рангира 110 земји врз основа на нивната изложеност на големи промени во цените на храната, земајќи ги предвид нивниот номинален БДП по жител, уделот на храна во потрошувачката на домаќинствата и нето-увозот на храна.

Најновите податоци покажуваат дека од 50 земји најранливи на постојан пораст на цените на храната, речиси сите се економии во развој во кои спаѓаат речиси три петтини од светското население. Всушност, зголемувањето на цените на храната би било светски проблем. Дури и во развиените економии, скокот на цените на храната ќе доведе до поголеми разлики меѓу богатите и сиромашните, влошувајќи ја веќе сериозната нееднаквост, која може да придонесе за нарушување на светската безбедност – вели Рајнхарт. Таа посочува дека е неопходен мал степен на политичка координација во светот за да се спречи протекционизмот на храната да стане нов стандард по пандемијата.
Во меѓувреме и други организации за помош издадоа слични предупредувања во последните неколку недели. ФАО, специјализирана агенција на ОН за борба против гладот и зајакнување на безбедноста на храната, соопшти дека покрај стотици милиони луѓе што сега се соочуваат со „тешка несигурност со храната“, дополнителни 16 проценти од светското население – повеќе од 1,25 милијарда луѓе „доживуваат несигурност во храната на умерено ниво“ во услови на пандемија.

Паралелно на ова, во друга анализа објавена на 9 јули, пак, групата за помош „Оксфам“ пишува дека најмалку 121 милион луѓе би можеле да бидат турнати на работ на глад годинава, бидејќи пандемијата предизвикува масовна невработеност и ги нарушува производството и снабдувањето со храна. Институтот „Оксфам“ оценува дека пандемијата на ковид-19 само додаде масло на огнот на веќе растечката криза со гладот и може да доведе до дополнителни 12.000 смртни случаи од глад секојдневно низ целиот свет. Во извештајот, меѓу другото, се идентификуваат 10 жаришта на глад каде што кризата со храна е најтешка и се влошува како резултат на пандемијата. Според документот на организацијата, станува збор евентуални жаришта во Јемен, Демократска Република Конго, Авганистан, Венецуела, Западна Африка, Етиопија, Јужен Судан, Сирија, Судан и Хаити. Како што наведува институтот, во овие држави дури 65 отсто од населението се соочуваат со глад.