Палестинскиот премиер Рами Хамдалах денеска понуди оставка во момент кога претседателот Махмуд Абас се обидува да формира нова влада.

Оставката на Хамдалах уследи откако централниот комитет на движењето Фатах на Абас синоќа соопшти дека новата влада ќе биде составена од членови на Палестинската ослободителна организација (ПЛО). Исламистичкото движење Хамас не е дел од ПЛО.

Таквата одлука се протолкува како чекор на Абас за дополнително изолирање на своите политички ривали од Хамас.

Владата на Хамдалах, чие седиште се наоѓа во Западен Брег ги поздрави плановите за нова влада.

Хамас ја презеде контролата над Појасот Газа во 2007 година, поради што Владата на Абас има лимитирана самоуправа во окупираниот Западен Брег. Во јуни 2014 година Хамдалах формира Влада на национално единство по историскиот договор за помирување помеѓу Фатах и Хамас. Но, и покрај договорот Владата нема никаква контрола над Појасот Газа.