Покренувајќи го прашањето околу неодамнешната одлука на индиската влада за укинување на специјалниот статус на Кашмир и донесувањето нов закон за државјанство, премиерот на Пакистан, Имран Кан, рече дека тоа може да доведе до милиони муслимански бегалци од Индија, создавајќи бегалска криза поголема од сите други, пренесува „Спутник“.

Кан, кој се обрати на Глобалниот форум за бегалци во Женева, Швајцарија, рече дека бегалската криза може дури и да доведе до конфликт меѓу двете соседни земји.

– Загрижени сме дека не само што може да има бегалска криза, туку дека таа може да доведе до конфликт меѓу две нуклеарни вооружени земји – рече Кан.

Повикувајќи ги другите земји да се вмешаат, Кан рече дека Пакистан нема да смести повеќе бегалци од Индија во пресрет на полицискиот час наметнат од Индија во спорниот Кашмир.

Индија на почетокот на август го поништи специјалниот статус што го уживаше поранешната држава Џаму и Кашмир и го подели на две територии со федерално управување. Оттогаш, државата е под сериозен безбедносен штит, практично исклучена од надворешниот свет.

Иако многу ограничувања беа воведени постепено, интернет-пристапот сè уште е блокиран.

Друг законодавен потег на сојузната влада на премиерот Нарендра Моди беше изменетиот Закон за државјанство со кој се доделува државјанство на нелегални имигранти од шест верски малцинства – хиндуси, Парси, Џаини, христијани, будисти и Сики, но ги исклучува муслиманите, од Авганистан, Бангладеш и Пакистан ако пристигнале во Индија пред 2015 година.

Најновиот закон донесе до работ неколку региони во земјата во кои муслиманите се плашат дека може да бидат под закана во Индија. Федералниот министер за внатрешни работи во Индија постојано повторуваше дека ќе се донесе национален регистар за граѓани кој ќе ги идентификува сите нелегални жители што би биле исфрлени од земјата. Слична мерка во североисточната држава Асам идентификуваше над 1,9 милиони нелегални имигранти кои се соочуваат со неизвесна судбина.