Пакистан воведе закон кој предвидува кастрација и побрзо судење за осомничените сексуални престапници и за сериските силувачи, изјави денеска владиниот претставник Вакар Хусаин.

Според него, Собранието го усвои законот и тој веднаш стапува во сила.

Хемиската кастрација, која се врши со помош на лекови, веќе се практикува во Полска, Јужна Кореја, Чешка и во некои американски држави, пренесуваат агенциите.

Пакистанскиот премиер, Имран Кан, минатата година изјави дека сака да воведе казни по зголемениот број сексуални злосторства во земјата и по случајот со мајка на две деца, која две лица ја извлекле од автомобилот и ја силувале со закана од огнено оружје.

Невладината организација „Војна против силувањето“ вели дека помалку од 3 отсто од силувачите добиле пресуди во пакистанските судови.

„Амнести интернешнл“ повика на истрага за причините за сексуалните напади наместо строги казни.