Премиерот на Пакистан, Имран Кан, жестоко ја критикуваше владејачката партија на Индија, Баратија Јаната (БЈП), споредувајќи ја со нацистичка Германија под Адолф Хитлер, пренесува „Спутник“.

– РСС го инспирираше раководството на БЈП во 21 век отворено да зборува за 200 милиони муслимани исто како што нацистите зборуваа за Евреите – праша Кан на Твитер.

РСС (Rashtirya Swayamsewak Sangh) е националистичка и културна организација покрај тоа што е родителска организација на индиската владејачка партија БЈП.

Видеоклип што го сподели Кан прикажува новинар кој разговара со пратеникот на БЈП, Субраманиан Свами, за влијанието на изменетиот Закон за државјанство (ЦАА) врз малцинската муслиманска заедница во Индија.

– Знаеме дека таму каде што е муслиманската популација е голема, секогаш има проблеми – вели Свами во видео-клипот.

Новинарот го потсетува дека Индија ја има втората по големина муслиманска заедниа на светот, Свами одговара „Ако муслиманите станат повеќе од 30 отсто во одредена земја, таа земја е во опасност“.

Со ЦАА во Индија им се доделува државјанство на религиозно прогонети имигранти од хиндуистичката, христијанската, будистичката религија, на Сиките и на Парсите од Пакистан, Бангладеш и Авганистан, но ги исклучува муслиманите. Владата разјасни дека законот ги исклучува муслиманите затоа што тие не се изложени на верски прогон во земјите во кои доминираат муслиманите.

Кан во четвртокот ја обвини владата на индискиот премиер Моди дека нелегално ја менува демографијата во Џаму и Кашмир, кршејќи ги сите меѓународни закони и договори. Обвинението се однесува на ланското повлекување на спеијалниот статус на Џаму и Кашмир од страна на Индија, која ја претвори државата во федерално управувана територија и ја оддели од Ладак.

Кан побара интервенција од ОН и меѓународната заедница за да ги запре наводните повреди на Индија на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и рече дека Пакистан ќе продолжи да го обелоденува индискиот државен тероризам.