Хуан Карлос Први требаше да има славно место во историјата на Шпанија поради неговите постигнувања додека беше крал, но низата скандали доведоа до негов срамен егзил, пишува Габриел Гонзалес во неговата колумна за „Дојче веле“.

Беше 23 февруари 1981 година, кога дел од шпанските оружени сили и полицијата се обидоа да извршан државен удар против младата демократија. Тенковите беа на улиците, парламентот беше окупиран од вооружените сили кои го организираа ударот, а Владата претрпе удар.

Тогаш младиот крал, кој сите го потценуваа се појави пред камера во униформа на врховниот командант на шпанските вооружени сили и им нареди на војниците веднаш да се вратат во нивните касарни. Обидот за државен удар пропадна до следното утро. Хуан Карлос ја спаси шпанската демократија.

Крајот на Студената војна и падот на „железната завеса“ соочија повеќе европски држави со прашањето како мирно и организирано да се премине од авторитативен систем во демократија. Најмногу внимание беше насочено кон Мадрид. Шпанија долго беше сметана за модел на успешна транзиција, а Хуан Карлос беше централна фигура во тој процес.

Зошто се сеќавам на херојските дела на Хуан Карлос? Бидејќи во поглед на сегашната ситуациија и лошото однесување на кралот, има тенденција тие да бидат потиснати настрана. Како и поради разликите помеѓу славното минато и самоиницираниот пад.

Неславното заминување на Хуан карлос кое треба да биде гледано како бегство од шпанската правда, секако, беше токму тоа што го чекаа противниците на монархијата. А тоа е оправдано бидејќи ниту еден крал не треба да биде над законот, исто како и американските претседатели. Хуан Карлос ќе постапеше подобро доколку се обидеше да се објасни пред шпанскиот суд во Шпанија. Тоа се подразбира за една модерна монархија.

Но, во одреден момент, Хуан Карлос почна да се однесува како да може да прави што се што ќе посака, без последици – да оди на сафари и да позира со убиени слонови, да има сексуални излети кои стоички ги издржа неговата сопруга, кралицата Софија, а тука е и корупцискиот скандал во кој наводно е вмешан.

Хуан Карлос оддаваше тажен впечаток. Како Дон Кихот во ремек-делото на Мигел Сервантес, тој беше забележуван само поради срамните постапки. Тој веќе не го разбираше светот и не можеше да ги исполни барањата на монархијата.

Во последните фотографии на Хуан Карлос тој седи на сопатничкото седиште во неговиот автомобил. Дали сфаќа дека ја изарчи можноста да заземе славно место во историските учебници. А за тоа е виновен самиот? На некој начин жал ми е за него, но неговиот пад се должи исклучиво на неговите грешки. За мене, тој претставува тажно сознание дека остарените херои речиси никогаш не се добар пример, заклучува авторот.