Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Покрај тоа што сѐ уште не е докрај разјаснета причината поради која имаше шестчасовен пад на глобалните социјални мрежи во интернет-просторот, во исто време пишувањата на светските медиуми ги подгреаја стравувањата дека станува збор за хакерски напад што би можел да има сериозни импликации по глобалната безбедност, но и по финансискиот сектор

Колку мистериозниот пад на глобалните социјални мрежи на интернет може да предизвикаа сериозни безбедносно-финансиски импликации врз корисниците на платформите во светот е дилемата што се актуализира само неколку часа откако во вторникот вечерта, Фејсбук, Инстаграм и Воцап беа урнати во сајбер-просторот и не беа достапни за употреба.
Овие прашања беа во фокусот на пишувањата на светските медиуми вчера, кои само неколку часа по враќањето во употреба на социјалните платформи објавуваа дека станува збор за можен хакерски напад, но и за прибирање и продавање на доверливите лични податоци на корисниците за пари.
Англиската верзија на порталот „Спутник“ напиша дека приватните лични податоци на околу 1,5 милијарда корисници на Фејсбук, наводно, се продадени на популарен хакерски форум. Според руската агенција, тоа е причината за „помрачувањето“ на социјалните мрежи, кое траеше неколку часа, а за тоа време хакерите присвоиле милиони електронски адреси за е-пошта, телефонски броеви, локации, како и банкарски сметки на корисниците на мрежите.
Од друга страна, американските медиуми пишуваат дека последиците за падот на мрежата сѐ уште не се јасни, но безбедносните импликации се огромни.
– Ова е четврти пат како Инстаграм, Фејсбук и Воцап не работат. Вработените во „Фејсбук“ не смеат да влегуваат во зградата, а наводно главниот сервер е проблемот. Сето ова доведе до пад на акциите на „Фејсбук“ – напиша угледниот магазин „Блумберг“, кој во исто време процени дека првичната штета од падот на социјалните мрежи изнесува околу седум милијарди долари.

Во меѓувреме, РСЕ во своја анализа на темава напиша дека „Фејсбук“ минува низ голема криза откако свиркачот Франсис Хауген, што беше извор на серијата приказни на „Волстрит журнал“, откри внатрешни истражувања на компанијата за негативните ефекти од нејзините производи и одлуки.
Хауген, поранешна вработена во „Фејсбук“, во интервју за американската ТВ-емисија „60 минути“ откри дека таа е „свиркачот“ што во изминатите месеци испрати доверливи информации до медиумите дека компанијата му давала приоритет на профитот пред безбедноста на мрежата.
Хауген го обвини „Фејсбук“ дека ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање лажни вести под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.
Таа во интервју за американската ТВ-емисија „60 минути“ изјави дека коренот во проблемот на „Фејсбук“ е во промената на алгоритмот, направена по 2019 година со која се менува она што може корисникот да го гледа како новости на „ѕидот“.
Инаку, социјалните платформи на компанијата „Фејсбук“ претрпеа голем пад во траење од околу шест часа. Околу 2,7 милијарди корисници останаа без пристап до нивните профили, додека вработените и сопственикот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, беа принудени јавно да се извинат за проблемот.
– Причината за прекинот, веројатно, е лошата конфигурација или одреден код до системот за управување со мрежата – вели Алекс Стамос, поранешен главен службеник за безбедност на „Фејсбук“.
Од она што беше првично објавено во светските медиуми, прекинот најверојатно е поврзан со ДНС-записите на „Фејсбук“, или системот за имиња на домени. Грешка во записите на ДНС може да го оневозможи поврзувањето со веб-страницата. Со цел да се поправи проблемот, како што вчера беше пишувано во медиумите, било неопходно дел од серверите на „Фејсбук“ мануелно да се ресетираат. Компанијата засега не ги потврди причините за падот на социјалните мрежи, но во текот на вчерашниот ден почнаа да „паѓаат“ и акциите на компанијата.