Бил Козби (81) се соочува со затвор при изрекувањето на казната во случајот за сексуален напад, неделава, што би можело да го означи падот на актерот и комичар што некогаш уживаше голема популарност во САД, пишуваат светските медиуми.

Судството сослушување во Нористаун во сојузната држава Пенсилванија, на кое треба да биде изречена пресудата во случајот на Козби, почнува денеска, а се очекува да трае два дена. Повеќе од 60 жени го обвинија Козби за сексуален напад, но актерот познат под прекарот „таткото на Америка“ би можел да заврши зад решетки поради единечен случај.

Козби беше осуден во април, по три точки од обвинението за сексуален напад врз Андреа Констанд, што се случил во неговиот дом во Филаделфија во 2004 година. Тој оттогаш беше во домашен притвор. Констанд е поранешна вработена на универзитетот „Темпл“ која тврди дека актерот ја нападнал во неговиот дом во 2004 година. Адвокатите на Козби, пак, посочуваат оти нивната интимна врска била со взаемна согласност. Констанд го пријавила нападот во полиција во 2005 година, но не биле покренати обвиненија по што таа покренала приватна тужба една година подоцна. Делови од нивната спогодба станаа јавни, вклучувајќи го и признанието на Козби дека набавувал седативи со цел да им ги даде на жените со кои сакал да има однос.

Според прописите на сојузната држава Пенсилванија, се очекува судот да предложи казна од една до четири години затвор, иако максималната казна за секоја од трите точки изнесува по 10 години робија. Се очекува правниот тим на Козби да поднесе жалба на ваквата пресуда, а неговите адвокати веројатно ќе бараат попустливост поради староста и здравствената состојба на обвинетиот. Одбраната претходно бараше и отстапување на судијата Стивен О’нил, поради наводна пристрасност. Козби одбива да признае вина за обвиненијата.