Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, ја повика Турција да ги признае, како што рече, злосторствата на претходните режими против Ерменците и Грците.

По состанокот со претседателот на Ерменија, Армен Саркисијан, во Јереван, Павлопулос рекол дека во интерес на Турција, која ја нарече пријател и сосед, би било ако упати храбар израз на извинување за злосторствата против човештвото, кои нејзините претходни лидери, како што рече, ги направиле против Ерменците и Грците.

Тој додал дека Грција го поздравува фактот што значително се шири меѓунардното признавање на геноцидот над Ерменците, кое неодамна кулминира кога беше усвоена резолуцијата во Претставничкот дом на САД.

Павлопулос рекол дека неговата земја сака добри и пријателски односи со Турција и дека го поддржува нејзиното пристапување во ЕУ, но истакнал дека тоа подразбира почитување на меѓународното право и европските закони.

Потсетил дека Грција го признала геноцидот над Ерменците во 1996 година, а дека Ерменија во 2015 година го признала геноцидот над Грците.

Тој ја осудил турската офанзива во Сирија.