Судија од американската сојузна држава Калифорнија денеска отфрли тужба што градовите Сан Франциско и Оукленд ја покренаа против петте најкрупни нафтени компании поради нивна одговорност во глобалното затоплување, објави телевизијата „Еј-би-си“.

Тужбата е покрената против американските нафтени гиганти „Шеврон“, Ексон Мобил“ и „Коноко Филипс“ како и против британско-холандската „Шел“ и британската „Би Пи“.

Во неа се вели дека тие корпорации се најодговорни за глобалното затоплување што е последица од согорување на фосилните горива добиени од јаглеводородни ресурси како нафта и природен гас.

Градовите Сан Франциско и Оукленд побараа судијата да им нареди на тие компании да оформат фонд за компензација, од каде ќе се компензираат климатските последици како поплави и урагани, предизвикани од глобалното затоплување.

Градските власти укажаа дека согорувањето на нафта и гас предизвикува загадување на атмсферата со јаглероден диоксид што од своја страна предизвикува „ефект на стаклена градина“ и пораст на температурата на воздухот на глобално ниво. Како резултат на тоа се случува промена на климата и се создаваат поплави од кои најголеми штети имаат градовите.

Судот прифати дека штетите се реални и се случуваат насекаде низ светот.

-Покрај тоа, нафтените компании не ја отфрлаат научноста на идеите за глобалното затоплување – појасни судот.

Сепак, тужбата не беше прифатена со образложение дека глобалните проблеми не се во надлежност на судот.

-Светот има толку голема корист од нафтата и другите фосилни горива што прашањето за урамнотежување на светската позитива од енергијата со нејзината улога во глобалното затоплување побарува подлабока експертиза спроведена од нашите агенции за природна средина, од нашите дипломати, нашата Влада, или најмалку од Сенатот – укажа во своето решение судијата Вилијам Олсап.

Додаде дека овој проблем заслужува решенија од многу покрупен карактер отколку решение на окружен суд или порота која решава за случај кога е нарушена комфорноста на жителите.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, слични тужби против петте најголеми нафтени компании претходно поднеле и други калифорниски градови, како и Њујорк. Националната асоцијација на произведувачи со седиште во Вашингтон неодамна укажа дека овие тужби се неосновани и имаат политичка позадина.

-Тоа е дел од длабоко вкоренета политички мотивирана кампања за поткопување на производството во Америка. Ние ја продложуваме нашата работа за раскринкување на овие координирани напори – изјави за „Блумберг“ Линда Кели, претставничка на асоцијацијата.