Американскиот претседател Доналд Трамп го откажа учеството поради блокадата на Владата, неговиот француски колега Емануел Макрон остана дома поради протестите на „жолтите елеци“ и дијалогот со народот, додека, пак, британската премиерка Тереза Меј е фокусирана на блокираниот брегзит. На тридневниот самит нема да присуствуваат ниту лидерите на Русија и на Кина – Владимир Путин и Си Џинпинг

Политичките и економски кризи на домашен терен спречија поголем дел од западните лидери да присуствуваат на годинашниов Светски економски форум. Па, така, американскиот претседател Доналд Трамп го откажа учеството поради блокадата на Владата, неговиот француски колега Емануел Макрон остана дома поради протестите на „жолтите елеци“ и дијалогот со народот, додека, пак, британската премиерка Тереза Меј е фокусирана на блокираниот брегзит. На тридневниот самит нема да присуствуваат ниту лидерите на Русија и Кина – Владимир Путин и Си Џинпинг.

Форумот, како што оценуваат експертите, ќе помине во атмосфера на глобалната несигурност, вклучувајќи ги и популизмот и намалениот економски пораст. На него се очекува да доминираат теми како што се актуелните трговски спорови, фрагилните меѓународни односи, брегзит и економскиот пораст, чие забавување, според многумина, може да ја втурне светската економија во рецесија.

Познавачите на состојбите сметаат дека глобалниот економски форум губи на сила, трговските конфликти се зголемуваат, еколошките проблеми и затоплувањето на климата се нерешени прашања, а истовремено дигитализацијата предизвикува големи промени. Борге Бренде, бивш шеф на норвешката дипломатија и актуелен претседател на Светскиот економски форум (СЕФ), смета дека секоја од овие теми претставува голем предизвик за светската елита.

– Вкупно земено, задачата е огромна и таа може да се реши само со соработка – истакнува Бренде.

Според Клаус Шваб, основач на СЕФ, форумот е еден вид место за разбирање.
– Дијалог за да се овозможи меѓусебно разбирање е поважен од кога било – порачува Шваб.

Форумот годинава тематски е посветен на последиците од глобализацијата и индустриската дигитализација. Шваб оценува дека на светот му недостигаат визии и оти форумот може да помогне, иако предлозите на елитите од страна на многу граѓани се гледаат скептично.

– Елитите важат за недоверливи, затоа што нивниот поглед е насочен кон наредните избори или наредниот квартален извештај. Затоа во Давос свесно сме ориентирани на подолги ангажмани. Ние се ориентираме кон шанси, сакаме да создаваме – заклучува Шваб.

Но, како што оценуваат некои светски медиуми, за соработка има сѐ помалку волја. Американскиот претседател е гласен и докажан противник на мултилатерални договори, новиот бразилски претседател Болсанаро исто така зборува со националистички тон. Во Европа целиот фокус е насочен кон брегзит, во Италија владеат популисти, во Франција демонстрираат „жолти елеци“, Блискиот Исток останува буре барут, а Кина му покажува мускули на Тајван.

Од друга страна, по повеќедецениското промовирање на глобализација, СЕФ сега стравува дека растечката нееднаквост, протекционизмот и националистичките политики може тивко да ја одведат светската економија во нова рецесија. На тоа јасно укажува и самиот „татко“ на СЕФ.

– Глобализацијата произведува победници и губитници и во изминатите 24-25 или 30 години има многу повеќе победници. Но сега мораме да се грижиме за тие губитници, за оние што беа оставени – истакнува Шваб.

Тој ќе се обиде да ја убеди политичката и бизнис-елита да се посвети на нова инклузивна глобализација, за да се надмине јазот помеѓу „многумината запоставени и неколкутемина привилегирани“. Но, како што наведува „Гардијан“, дали тоа ќе биде доволно за да се одговори на загриженоста на милионите лица, кои чувствуваат дека системот е наместен против нив и кои никогаш нема да успеат да стигнат во Давос.

Истовремено, Светскиот економски форум смета дека неговата улога е подобрување на состојбата на светот. Но многумина експерти имаат остри критики на негова сметка. Меѓу нив е и Ананд Гиридхарадс, политички аналитичар и писател.

– Форумот во Давос личи на повторна семејна средба на луѓето што го растурија светот – порачува Гиридхарадс.


Најбогатите 26 луѓе имаат колку 3,8 милијарди сиромашни

Минатата година 26 најбогати луѓе поседувале богатство колку посиромашната половина планета, односно 3,8 милијарди луѓе, соопшти хуманитарната организација „Оксфам“.
Според „Оксфам“, богатите стануваат сè побогати, а сиромашните повеќе осиромашуваат. Богатството на милијардерите минатата година се зголемило за 12 отсто, додека „богатството“ на најсиромашните 3,8 милијарди луѓе, односно половина планета, се намалило за 11 отсто.


Заев вторпат помеѓу светската елита во Давос

На Светскиот економски форум во Давос, кој почна вчера, ќе присуствува и македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев. Во делегацијата се вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши. Во рамките на самитот, премиерот Заев ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.