„Дојче банк“ започна истрага за тоа дали има потенцијално протекување на доверливи податоци, откако околу 50-тина поранешни вработени имале пристап до нивните мејлови иако биле отпуштени од работа веќе неколку недели, објави „Фајненшл тајмс“.

Се смета дека лице кое работело со продажба на капитал на клиенти на банката испратило над 450 пораки од службениот имејл, откако дознало дека принудно мора да ја напушти работната позиција.

Германската банка не успеа да ги деактивира профилите на дузина вработени кои беа отпуштени, по затворањето на гранките во повеќе странски земји претходно овој месец.

Овој проблем за „Дојче банк“ доаѓа во момент кога тие се обидуваат да ги убедат инвеститорите дека можат да го спроведат огромното преструкутирање на компанијата. Претходно, финансискиот гигант беше поврзуван со скандали со перење пари,  се зборуваше за врски со милијардерот и обвинет за педофилија Џефри Епстајн и многу други контроверзии. 

– Пристапот до системите за тргување веднаш беше изгаснат.. Мала бројка на вработени продолжија да имаат пристап до нивните службени мејлови во ограничен период. Ги прегледавме сите испратени мејлови и досега немаме докази дека се откриени некои чувствителни информации или за било какви нелегални потези – рекоа од „Дојче банк“ за „Фајненшл тајмс“.

Во периодот од следните четири години треба да се затворат 18 илјади работни места во германската банка, а досега се отпуштени 900 вработени. Минатата недела светските медиуми објавија дека „Дојче“ се соочува со најголеми загуби уште од 2008 година.