Контраразузнавачката служба на германската војска (МАД) соопшти дека отворила истрага против 550 германски војници, осомничени за крајно десничарски екстремизам. Голем број екстремисти во германската војска и во редовите на другите безбедносни служби излегоа на виделина изминатите години, додека Владата се обидува да се справи со заканите и насилството од екстремните десничари, пренесува „Дојче веле“.

Кристоф Грам, директорот на МАД, изјави дека во 2019 година биле регистрирани дополнителни 360 случаи на крајно десничарски екстремисти. Покрај тоа, според него, најмалку 40 лица се осомничени дека не ги почитуваат вредностите на германскиот устав.
– Нашата цел не е само да ги отстраниме екстремистите од германската војска, туку и луѓето што не му се лојални на Уставот. Порастот на бројот на случаите се должи на засилената контрола од страна на МАД – додава Грам.

Од МАД истакнуваат дека повеќето од случаите на екстремизам се концентрирани помеѓу припадниците на елитната единица позната како Команда за специјални сили или КСС. Според Грам, во КСС има речиси пет пати повеќе случаи на екстремизам во споредба со преостанатиот дел на германската војска. Тој додава дека бројот на такви случаи во КСС е двојно зголемен во споредба со почетокот на 2019 година.

МАД беше цел на остри критики по откривањето на случајот со Франко А., германскиот војник кого го очекува судење за престапи поврзани со тероризам. Во 2017 година, тој беше уапсен и обвинет за водење двоен живот, претставувајќи се како сириски бегалец за да изврши напад што подоцна би бил припишан како исламистички тероризам. Активностите на Франко А. ги зголемија стравувањата за постоење армија во сенка помеѓу германските војници. МАД подоцна беше предмет на истрага од парламентарниот контролен комитет, што врши надзор на германските разузнавачки служби. По ова, и МАД спровела интензивна внатрешна истрага.

– На тој начин ги идентификувавме екстремистите и луѓето со недоволна лојалност кон Уставот. Сепак, не откривме ниту една група што сака да изврши државен удар. Должноста на секој војник е да ги пријави колегите што изразуваат или покажуваат противуставни чувства – додава Грам.