Илустрација: Политико

Политичкиот вундеркинд Себастијан Курц, кој стана лидер на Австрија на 31-годишна возраст, се издигна на политичката сцена преку имиџот на енергичен функционер кој му овозможи да стекне поддршка од различните генерации. Но сето тоа се смени, пишува „Политико“.

– Серија на приватни пораки помеѓу австрискиот канцелар и неговите заменици, како и други преписки беа откриени од надлежните органи во рамки на истрагата за политичка корупција која го прикажува Курц во поинакво светло. Преку пораките, за него се стекнува впечаток како владетел од сенка кој е подготвен на се за да ја оствари својата агенда, без разлика дали станува збор за односите со католичката црква, правење на политички услуги или справувањето со ривалите – наведува политичкиот магазин.

Додека комуникацијата нуди редок нефилтриран приказ за начинот на кој политичарите функционираат надвор од јавноста, тие откриваат и „неверојатна баналност на луѓето кои ја водат Австрија“, според политичкиот коментатор Петер Филцмајер.

Курц оддаваше впечаток дека е поинаков од останатите политичари. Тој не само што вети дека ќе направи револуција во австриската политика, туку ги убеди Австријците дека е сериозен во неговите намери.

Лидерот на австриската Народна партија не е директна цел на истрагите за корупција, но тие допреа до неговиот најблизок круг на соработници. Сепак, се смета дека поголема штета за Курц ќе претставува начинот на кој размената на пораки го уништи неговиот јавен имиџ.

Тој создаде нешто што критичарите го нарекуваат „куќата на Курц“, тесно поврзана мрежа на негови лојалисти во владата, приватниот сектор и во медиумите, кои тивко соработуваат на заедничка корист.

– Наместо „новиот стил“ кој Курц го вети, Австријците гледаат дека „се е дозволено“ – пишува Рут Водак, коментирајќи ја ситуацијата.

Се отвора прашањето како скандалите кои го подриваат кредибилитетот на Курц, ќе се одразат врз неговата политичка иднина. Познавачите на состојбите сметаат дека тој ќе се одржи на власт, наспроти неодамнешниот пад на неговиот рејтинг. Одговорот, сепак, ќе го дадат Австријците.