Руската вселенска агенција „Роскосмос“ денеска соопшти дека со истрага е утврдено кои биле причините за неуспешното лансирање на ракетата „Сојуз“ која носела два космонаута до Меѓународната вселенска станица (ИСС). Како причина се наведува дефект на еден од сензорите.

Главниот извршен директор на „Роскосмос“, Сергеј Крикаљов истакна дека истрагата открила дека дефект на еден од сензорите кој сигнализира кога еден од четирите ракетни мотори отпаѓа бил главната причина за падот на ракетата – пренесува Асошиетед прес.

Ракетата, која кон станицата носела космонаути од американската агенција НАСА и „Роскосмос“, имала проблем со моторот две минути после полетувањето на 11 октомври, што предизвикало автоматско катапултирање на капсулата во која биле астронаутите.

Тие безбедно слетале во Казахстан, но неуспешното лансирање на ракетата нанесе нов удар на руската вселенска програма која и претходните години се соочуваше со низа неуспешни лансирања, корупциски скандали и други проблеми.

Русија повторно ќе проба да испрати космонаути во Меѓународната вселенска станица на 3 декември, кога треба да полетаат Русинот Олег Кононенко, Американката Ен Меклејн и Канаѓанецот Давид Сен-Жак.