Домородното население во Канада побара дополнителна потрага и истрага откако беше откриена масовна гробница со остатоците на 215 деца од училиште за присилна асимилација во Британска Колумбија, пренесува „Би-би-си“.

Со децении, илјадници деца биле одземaни од нивните семејства и сместувани во интернати, каде што морале да ја научат традицијата на европските колонијалисти за да ја заборават сопствената култура. Насилството и сексуалната злоупотреба биле вообичаени во овие училишта.

Во знак на протест, голем број Канаѓани поставија детски обувки пред импровизираните спомениците во чест на децата. Трудо вети акција за поддршка на преживеаните семејства и домородното население, но не прецизираше што конкретно ќе биде истата.

– Како татко, не можам да замислам како би се чувствувал доколку моите деца бидат одземени. Како премиер, пак, засрамен сум од ваквите постапки со кои децата се одземале од нивните семејства и присилно биле принудувани да го заборават своето потекло и минато – изјави Трудо пред новинарите.

Трудо на Твитер напиша дека веста му го скршила срцето и дека тоа е болно потсетување на едно мрачно и срамно поглавје во историјата на неговата земја.

Ваквите училишта биле управувани од властите и од страна на верските авторитети за време на 19-тиот и 20-тиот век. Училиштето во Британска Колумбија било затворено во 1978 година.

Повеќе од 4.100 деца умреле за време на нивниот престој во училиштата. Се верува дека 215-те деца не се дел од таа статистика и дека нивната смрт останала неевидентирана сè до ова откритие.

Случајот предизвика повици за истрага на сите поранешни резиденцијални училишта. Во 2015 година, Комисијата за вистина и обновување на односите во Канада ја истражи историјата и уделот предизвикан од ваквите училишта, со што се дојде до заклучок дека тие биле одговорни за предизвикување на „културолошки геноцид“ врз домородното население на Канада.