Британскиот министер за одбрана Гавин Вилијамсон е сменет од функцијата поради оддавање информации од затворен состанок, на кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеи“, пренесуваат британските медиуми.

За нов министер за одбрана, на местото на Вилијамсон, е поставена Пени Мордант, која претходно била министерка за меѓународен развој, пренесе Ројтерс.

Одлуката на премиерката Тереза Меј да го смени Вилијамсон е донесена на основа на информации за неговото однесување, до кои дошла истрагата за околностите за неовластено оддавање информации од состанок на Советот за национална безбедност, се наведува во соопштението.

Истрагата била покрената минатата недела, откако медиумите пренесоа дека Советот, кој се состанува зад затворени врати, одлучил да ѝ дозволи на компанијата „Хуавеи“ да учествува во некои аспекти на новата британска безжична 5Г-комуникациска мрежа.

Британската Влада инсистира на тоа дека таква одлука не е донесена.