По утринските остри критики на сметка на Германија, за нејзиното одбивање да троши повеќе за одбрана и за договорот за гасоводот Нордстрим, американскиот претседател Доналд Трамп имаше средба со канцеларката Ангела Меркел за која рече дека била одлична.

– Имаме одлична средба. Разговаравме за трошењето за одбрана, разговаравме за трговијата. Имаме многу, многу добар однос со канцеларката. Имаме одличен однос со Германија- им рече Трамп на новинарите кои ја проследија неговата средба со Меркел.

На претходната средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Трамп ги остави медиумите да снимаат неколку минути од разговорот, при што жестоко се нафрли на германското одбивање да троши повеќе за сопствените вооружени сили, да небалансираните трговски односи и пред се за германската зависност од руски гас.

– Ние треба да ја браниме Германија од Русија, а Германија троши милијарди и милијарди долари секоја година за руски гас- изјави Трамп во неговите директно обраќање кон Меркел.

Меркел за време на нивната заедничка средба кусо порачала дека се работи за можност да се разменат мислења за економските односи како и за иднината на трговските односи на Европската унија и САД.