Српскиот министер за надворешни работи Дачиќ бил во Сомалија за време на терористичкиот напад

Во моментот кога се случи терористичкиот напад во престолнината на Сомалија, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ се наоѓал во претседателската палата, каде разговарал со претседателот на таа земја.

Како што изјави Дачиќ, а пренесе „Танјуг“ се слушнала силна експлозија, а во меѓувреме му било кажано дека во нападот има повеќе мртви и повредени.

По нападот, српскиот министер за надворешни работи полетал од Сомалија кон Србија, но авионот на Владата на Србија поради дефект принудно слетал во Атина.

Дачиќ додаде дека мета на нападот бил екс-министерот за надворешни работи на Сомалија.

Во експлозијата на автомобил-бомба загинаа најмалку 12 лица покрај безбедносен пункт во главниот град Могадишу.

Властите изјавија дека експлозивот во автомобилот го активирал бомбаш самоубиец, а засега има 12 загинати, меѓу кои и шестмина припадници на безбедносните сили и една жена – висок претставник од армијата. Останатите петмина загинати се цивили, а при нападот биле повредени и двајца членови на сомалискиот парламент.

Одговорност за нападот презеде исламистичката група Ал Шабаб, која е огранок на терористичката мрежа Ал Каеда во Сомалија.