Едно лице е уапсено под сомнение дека денеска со нож нападнало осум лица на повеќе локации во Колорадо Спрингс, втор по големина град во сојузната американска држава Колорадо.

Полицијата соопшти дека станува збор за случаен акт на ширење насилство и дека осомничениот е уапсен кога бил совладан од страна на потенцијални жртви, пренесе Си-ен-ен.

– Се чини дека станува збор за случаен напад и засега е непознато дали постои врска помеѓу осомничениот и жртвите – соопшти полицијата.

Сите осуммина биле пренесени во болница, се додава во полицискиот извештај.

Шон Питерсон од полицијата во Колорадо Спрингс за локалните медиуми изјави дека осомничениот дејствувал самоиницијативно.