Џефри Епстајн

Осрамотениот милијардер Џефри Епстајн (66) кој се соочуваше со обвиненија за секс-трговија, си го одземал животот синоќа, во ќелијата во затворот Метрополитан на Менхетн, пренесува американската телевизија Еј-би-си, повикувајќи се на полициски извори.

Уште не се познати точните околности при кои тој си го одзел животот, откако пред нешто помалку од три недели беше пронајден во бессознание во неговата ќелија, со повреди на вратот, по што беше ставен под надзор поради ризикот од самоубиство.

Судењето на Епстајн за обвиненијата за наводно сексуално злоупотребување на десетици малолетни девојки во Њујорк и на Флорида, беше предвидено за следната година.

Познатиот бизнисмен се соочи со обвиненија дека предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, на Мехнетн, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен на 6 јули на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Епстајн се соочуваше со максимална затворска казна од 45 години. Властите идентификувале 36 потенцијални жртви, а медиумите проценуваат дека нивната бројка би можела да достигне стотина девојки.